Трудот на Cory Doctorow е лиценцирано дело според Creative Commons BY-NC-SA 2.5.

Cory Doctorow, по потекло од Канада е блогер, новинар, писател и ко-уредник на популарниот сајт за социјално вмрежување BoingBoing. Работи како активист за либерализација на законите за авторски права, притоа поддржувајќи ја иницијативата на Lawrence Lessig, преку Creative Commons. Многу од неговите дела се издадени под слободните лиценци на CC

Оригиналното дело првпат е објавено во магазинот Radar во октомврискиот број. Вики верзија за корекции.
Превод на македонски: Александар Балаловски (#)





Scroogled


„Дајте ми шест реда напишани од најдостоинствениот човек,
 и ќе најдам оправдување за да го обесите“. —Кардиналот Ришељу

„Не знаеме доволно за тебе“. —извршен директор во Google Ерик Шмит


Грег слета на меѓународниот аеродром во Сан Франциско во 20.00ч., но додека стигна до редот на чекање на царината, веќе беше поминал полноќ. Излезе од прва класа, кафеав како лешник, небричен и опуштен после цел месец на плажата во Кабо (подводно скуба-гњурење три дена неделно, заведување млади француски студентки во остатокот од времето). Кога го напушти градот пред еден месец, беше згрбавен и со голем стомак. Сега беше бронзен бог, врз кого често прелетуваа погледите на стујардесите од предниот дел на кабината.
Четири часа покасно во редот на чекање, повторно се врати од бог во човек. Неговиот лесен блесок исчезна, потта течеше кон процепот на неговиот задник и неговите рамења и врат беа напнати толку многу, што целиот грб го чувствуваше како тениски рекет. Батериите од неговиот iPod оддамна беа истрошени, оставајќи го да не прави ништо друго освен да го прислушува парот на средна возраст кој стоеше пред него.

Чудата на модерната технологија“, рече жената, собирајќи ги рамењата пред блискиот знак: Имиграција, преку Google.   

Мислев дека тоа нема да започне до следниот месец?“ Човекот постојано на главата ставаше и вадеше големо сомбреро.

Гуглање на граница. Господе боже. Грег се ослободи од Google пред шест месеци, исплаќајќи си ги акциите и земајќи „време за мене“, што се испостави дека го потроши поинаку отколку што очекуваше. Петте месеци што следуваа беа искористени за поправка на компјутерите на неговите другари, во текот на денот гледаше ТВ, и стави плус 10 фунти, за што го обвини фактот што седи дома наместо во Googleplex каде имаше добро опремена 24ч. отворена вежбална.

Требаше, се разбира, да го предвиди тоа. Американската влада потроши 15 милијарди долари на програма која зема отпечатоци и фотографии од посетителите на границата, и немаше фатено ниту еден терорист. Очигледно, јавниот сектор не беше опремен да го „прави пребарувањето правилно“.

Службеникот од одделот за внатрешна безбедност (ОВБ) со подочници подзамижа гледајќи се во неговиот екран, забодувајќи со неговите прсти како колбаси по тастатурата. Не беше ни чудо што чекаа со саати на проклетиот аеродром.

„Добровечер“, рече Грег, подавајќи му го на човекот потниот пасош. Службеникот промрмори и го грабна, па потоа зазјапа во неговиот екран, тропкајќи со прстите. Гласно. Имаше малку сува храна во аголот од неговата уста која ја тргна со неговиот јазик.

„Сакате да ми кажете за јуни 1998?“

Грег се погледна кон него. „Се извинувам?“

Сте пратиле порака на alt.burningman на 17ти јуни 1998г. за Вашиот план да присуствувате на фестивалот. Прашавте „Дали печурките се навистина лоша идеја?“

Инспекторот во посебната соба за набљудување беше постар маж, толку слаб што изгледаше како да е изделкан од дрво. Неговите прашања беа многу по-лични од тие за печурките.

„Кажете ми за Вашите хоби. Дали се интересирате во ракетно моделарство?“

„Што?“

„Модели на ракети“

„Не“, рече Грег, „Не се интересирам“. Намириса каде сето тоа водеше.

Мажот нешто запиша, па кликна со глушецот. „Видете, прашувам поради тоа што гледам нагло растење на рекламите за ракетно моделирање кои се појавуваат при прикажување на резултатите за Вас и G-Mail.

Грег почувствува спазам во јајцата. „Ги гледате моите пребарувања и е-пошта?“ Не фатил тастатура веќе месец, но знаеше дека тоа што го пишеше во полето за пребарување открива дури и повеќе од она што му го кажуваше и на психијатарот.

Г-не, ве молам смирете се. Не, не ги прегледувам Вашите пребарувања“, рече човекот со исмејувачко мрморење. „Тоа би било против-уставно. Само ги гледаме рекламите што се појавуваат кога ја читате поштата и пребарувате. Имам брошура која го објаснува тоа. Ќе Ви ја дадам кога ќе завршиме овде“.

Но рекламите не значат ништо“, пропелтечи Грег. „Ми се појавуваат реклами за мелодии за телефон од Ан Култер секогаш кога ќе добијам пошта од другар кој живее во Култер, Ајова“.

Мажот климна со главата. „Разбирам г-дине. И баш затоа сега разговарам со Вас. Што мислите зошто рекламите за ракетно моделарство се појавуваат толку често?

Грег се напрегна и размисли. „Во ред, направете го ова. Барајте за „coffee fanatics““. Тој беше многу активен со оваа група, им помагаше да си направат сајт за нивната корисничка услуга „кафе-на-месецот“. Мешавината што сакаа да ја лансираат се викаше Џет Фјул. „Џет Фјул“ и „Лансирање“. Тоа веројатно ќе го натера Google да исфрли неколку реклами за ракетно моделарство.

Тие се наоѓаа на првата страна за пребарување кога „изделканиот“ маж ги најде сликите од Ноќта на вештерките. Беа скриени три страни подлабоко во резултатите од пребарувањето за „Грег Лупински“.

„Беше маскенбал на тема војната во заливот“, рече. „Во Кастро“.

„И Вие бевте преправен во..?“

Бомбаш самоубиец“, одговори засрамено. Самото изговарање на зборовите го натераа да трепне.

Дојдете со мене, Г-не Лупински“, рече човекот.

Кога беше ослободен беше 3ч. сабајлето. Куферите очајно му стоеја до лентата за багаж. Ги подигна и виде дека биле отворени и невнимателно затворени. Алишта ѕиркаа од аглите на куферите.

Кога се врати дома, откри дека сите негови фалшиви пред-колумбиски статуи се скршени, и неговата сосем нова бела памучна мексиканска маичка имаше злобен отпечаток од чизма на средината. Неговите алишта повеќе не мирисаа на Мексико. Мирисаа на аеродром.

Не сакаше да спие. Нема шанси. Чувствуваше потреба да зборува за ова. Имаше само една личност која може да ја добие. За среќа, најчесто беше будна во тие часови.

Маја започна да работи во Google две години после Грег. Таа го убеди да оди во Мексико откако ги продаде акциите: Било каде, каде што ќе може да си го рестартира неговото постоење.

Маја имаше два чоколадни лабрадори и многу, многу трпелива девојка со име Лори, која би прифатила сѐ, освен да биде влечена од две лигави 250 фунти тешки кучиња во 6ч. наутро.

Маја посегнуваше по нејзината Мејс, додека Грег трчаше накај неа, потоа со двете раце го прегрна, фрлајќи ги каишите на земја и згазнувајќи ги со патиката. „Каде е остатокот од тебе? Дечко, изгледаш секси!

Тој исто така ја прегрна, истовремено осознавајќи го сопствениот мирис после ноќта на нападно гуглање. „Маја“, рече тој, „што знаеш за Google и ОВБ?“

Таа се скроти веднаш штом тој го постави прашањето. Едно од кучињата почна да квичи. Се погледна наоколу, потоа климна покажувајќи кон тениските игралишта. „На врвот од столбот за уличната светилка. Не гледај“, рече таа. „Таму има една од нашите мини WiFi точки за пристап. Широко-опфатна камера. Зборувај секогаш со грб свртен кон неа“.

Со оглед на моќта на компанијата, Google не ги чинеше многу за да го поврзат градот со камери. Особено имајќи ја во предвид можноста да им презентираат реклами на корисниците во зависност од нивната местоположба. Грег не обрна многу внимание кога камерите на сите тие точки за пристап станаа јавни, имаше поплава од блог-постови, додека луѓето си играа со новите сѐ-гледачки играчки, зголемувајќи ги сликите од местата каде што се движеа проститутките, но со текот на времето бучавата замре.

Чувствувајќи се глупаво Грег промрмори, „Се шегуваш.“

„Дојди со мене“, рече таа, вртејќи се со грб кон уличната светилка.

Кучињата не беа среќни што им ја скратија прошетката и своето незадоволство го изразија во кујната додека Маја правеше кафе.

Направивме компромис со ОВБ“, рече таа, посегнувајќи кон млекото. „Се согласија да престанат да роварат по резултатите од нашите пребарувања, а ние се согласивме да им дозволиме да гледаат какви реклами им се прикажуваат на корисниците“.

Грег се почувствува лошо. „Зошто? Не вели дека Yahoo тоа веќе го правеше...“

Не, не. Епа, да. Се разбира. Yahoo го правеше тоа. Но тоа не беше причина што и Google постапи исто. Знаеш, Републиканците го мразат Google. Ние сме определени како Демократи, па правиме се што можеме за да се постигне мир со нив пред тие да не нападнат. Тоа не се Л.И.И. „Лични идетификациони информации“, токсичниот чад на информационата ера, туку само мета-податоци. Така што тоа е само малку злобно“.

„Зошто е тогаш целава интрига?“

Маја воздивна и го прегрна лабрадорот кој удираше во нејзиното колено со неговата голема глава. „Шпионите се како вошки. Ги има насекаде. Се појавуваат на нашите состаноци. Како да сме во некое советско министерство. И одговорните за безбедност. Поделени сме во две групи: чистите и сомнителните. Сите знаеме кој не е чист, но никој не знае зошто. Јас сум чиста. За моја среќа, да се биде лезбејка веќе не те дисквалификува. Ниту една чиста личност не би се понижила да руча со нечистите“.

Грег се почуствува уморен. „Па претпоставувам дека сум среќен што излегов од аеродромот жив. Можев да завршам како 'исчезнат' ако тргнеше работата наопаку, нели?

Маја зјапаше во него внимателно. Тој чекаше одговор.

Што?

„Ќе ти кажам нешто, но никогаш не смееш да го повториш, во ред?“

„Не си во некоја терористичка ќелија, нели?“

Ништо толку едноставно. Еве за што се работи: ОВБ на аеродромот има пропусна функција. Му овозможуваат на шпионите да го редуцираат критериумот за барање. Ако те повикаат уште одма во посебната соба, стануваш „личност од интерес“ и никогаш нема да те остават на мира. Ќе ги скенираат вебкамерите за твојот лик и движење. Ќе ги набљудуваат твоите пребарувања“.

„Мислам дека рече како судовите нема да им дозволат...“

Судовите нема да им дозволат да те дискриминираат гуглајќи те. Но откако ќе влезеш во системот, станува збор за селективно пребарување. Се е легално. И штом почнат да те гуглаат, секогаш ќе најдат нешто. Сите твои податоци се испраќаат на поголема програма која проверува појавување на „сомнителни шаблони“, отстапувајќи од статистичките норми само за да те заковаат“.

Грег почувствува како да ќе поврати. „Како по ѓаволите се случи ова? Google беше добро место. 'Не биди злобен', се сеќаваш?“ Тоа беше мотото на корпорацијата, и за Грег имаше голем удел во неговата одлука да земе докторат од Стенфорд директно на Mountain View.

Маја одговори со сурова насмевка. „Не биди злобен? Абе ајде. Нашата лоби група е таа иста група од крипто-фашисти кои се обидоа да го извозат Кери. Туривме темел на злото уште одамна“.

Молчеа некоја минута.

Започна во Кина“, продолжи таа најпосле. „Штом ги префрливме серверите таму, потпаднаа под кинеска јурисдикција

Грег воздивна. Го знаеше дофатот на Google многу добро: секојпат кога ќе посетите страна каде има реклами од Google или која користеше Google Maps или GMail, дури и ако испратевте пошта до сметка на GMail, компанијата внимателно ги собираше вашите информации. Наскоро, софтверот за оптимизација на страната за пребарување почна да ги користи податоците за да ги поврзе Веб пребарувањата со индивидуални корисници. Се покажа како револуционерна алатка за оние кои рекламираа. Авторитарната власт би имала друга цел и употреба.

Нѐ користеа да создадат профили на луѓето“, продолжи таа. „Кога имаа да уапсат некој кого го бараа, ќе дојдеа кај нас и ќе најдеа причина да го соберат. Речиси нема нешто што може да го правиш на Интернет што не е нелегално во Кина“.

Грег си ја протреси главата. „Зошто мораа да ги стават серверите во Кина?“

Владата рече дека во спротивно ќе нѐ блокира. И Yahoo беше таму“. Двајцата направија гримаси. Работејќи, вработените во Google станаа опседнати со Yahoo, повеќе се грижеа што прави конкуренцијата отколку како се покажува нивната компанија. „И така сторивме. Но на многумина од нас не ни се допаѓа идејата“.

Маја потпивна од кафето и го снижи гласот. Едно од кучињата наеднаш почна да ја душка столицата на Грег.

Речиси наеднаш, Кинезите нѐ замолија да започнеме да ги цензурираме резултатите од пребарувањата“, рече Маја. „Google се согласи. Аргументот на компанијата беше смешен: 'не правиме зло, само им даваме на корисниците пристап кон подобра алатка за пребарување! Ако им покажеме резултати кон кои не можат да пристапат, тоа би ги исфрустрирало. Тоа е лошо корисничко искуство'“.

И што сега?“ Грег го оттурна кучето од него. Маја изгледаше повредена.

Сета ти си личност од интерес, Грег. Секојпат кога ќе посетеше страна со реклами од Google, Google maps, GMail или ако си пратил пошта до GMail сметка, тие ги собираа твоите информации. Сега си Googlestalked. Го живееш животот со некој кој постојано гледа преку твоето рамо. Ја знаеш мисијата на компанијата,нели? „Организирај ги светските информации“. Се. Почекај пет години, ќе знаат колку гомна има во шолјата пред да пуштиш вода. Искомбинирај го тоа со автоматското сомневање во некој кој се поклопува со статистичката слика за лош човек и ќе си...

„Scroogled“

„Ептен“ се согласи таа.

Маја ги зеде двата лабрадори по ходникот до спалната. Тој слушна мрморење помеѓу неа и девојка ѝ, па се врати сама.

Можам да го средам ова“, рече таа со шепотење. „Откако Кинезите почнаа да апсат луѓе, јас и моите podcast-другари го направивме нашиот 20% проект за да се заебаваме со нив“ (меѓу бизнис новитетите на Google имаше правило кое бараше секој вработен да посветува 20% од своето време на корисни и досетливи проекти). „Го нарековме 'Чистачот на Google'. Оди директно во базата на податоци и статистички те нормализира. Твоите пребарувања, Gmail хистограми, шемите за прелистување. Сето тоа. Грег, можам да го исчистам твојот Google профил. Тоа е единствениот начин“.

Не сакам да си навлечеш невоља“.

Таа ја протреси главата. „Јас сум веќе проколната. Секој ден откако го направив проклетото нешто бил на заем, сега само е прашање на чекање кога некој ќе ги посочи моите способности и историја на ОВБ и, па, не знам. Што и да прават со луѓето како мене во војната на апстрактни именки“.

Грег се сети на аеродромот. Пребарувањето. Неговата маичка, отпечатокот од чизма на неа.

Направи го тоа“, рече тој.

Чистачот на Google правеше чуда. Грег тоа можеше да го забележи по рекламите кои се појавуваа покрај неговите пребарувања, реклами наменети за некој сосем друг: факти за интелигентен дизајн, онлајн семинари, Слободна од терор утрешнина, блокирање на порно сајтови, хомосексуални теми, евтини билети за Тоби Кејт. Тоа беше програмата на Маја во акција. Новото персонализНирано пребарување на Google го идентификуваше како некој сосем друг, човек од десницата кој се плаши од Бог.

Тоа сосема му одговараше.

Потоа кликна на неговиот адресар, и откри дека половина од неговите контакти недостасуваат. Неговото Gmail сандуче беше изгризано како трупец изеден од термит. Неговиот Orkut профил беше нормализиран. Неговиот календар, семејни фотографии, обележувачи: се беше празно. Претходно немаше сфатено колкав дел од него мигрирал на Мрежата и си ја завршил својата работа на серверитe на Google, неговиот целосен онлајн идентитет.
Маја го исчисти до излитување. Стана невидлив човек.

Груг стисна врз тастер на лаптопот кој беше веднаш до неговиот кревет, со што го пушти екранот. Подзамижа гледајќи се во алатникот кој покажуваше 04:13 изутрината. Боже, кој тропа на вратата во ниедно време?

Викна, „Доаѓам!“, со нејасен глас и ги облече робата и папучите. Се симна по ходникот, пуштајќи ги светлата како што чекореше. На вратата, ѕирна низ окцето забележувајќи ја Маја како зјапа со мрачен поглед директно во него.

Ја отклучи и отвори вратата. Маја влезе поминувајќи го, заедно со кучињата и девојката.

Светеше од пот, нејзината обично исчешлана коса беше во прамени прилепена за челото. Си ги протри очите, кои беа црвени и испукнати.

Пакувај се!“ крикна со зарипнат глас.

„Што?“

Таа го фати за рамења. „Направи го тоа“, рече таа.

„Каде сакаш да...?“

Мексико, веројатно. Сѐ уште не знам. Пакувај се по ѓаволите!“ Го турна во спалната и почна да ги отвора фиоките и шкафовите.

„Маја“, рече остро, „Не одам никаде додека не ми кажеш што се случува“.

Таа го погледна луто и ја тргна косата од нејзиното лице. „Чистачот на Google оживеа. Откако те исчистив, го исклучив и си отидов. Повеќе не беше безбедно да го користам. Но сѐ уште е подесен да ми испраќа потврда по е-пошта секојпат кога некој го користи. Некој го искористи дури шест пати да збрише три специфични сметки, кои припаѓаат на членови на Трговскиот комитет на сенатот за реизбор“.

„Google прикрива Сенатори?“

Не Google. Ова е вон-компанијата. IP адресите се регистрирани во Washington D.C. и припаѓаат на корисници на GMail. Погоди на кој му припаѓаат сметките?

„Си шпионирала GMail сметки?“

Во ред. Да. Погледнав во нивните е-пошти. Секој тоа го прави одвреме-навреме и за многу полоши причини од мојата. Откако проверив се испостави целата активност доаѓа од нашата лобистичка фирма. Си ја бркаат работата, ги бранат интересите на компанијата“.

Грег почувствува како пулсот му бие во слепоочницата. „Треба да му кажеме некому“.

Нема да смени ништо тоа. Знаат сѐ за нас. Можат да го видат секое пребарување. Секоја е-пошта. Секојпат кога сме биле фатени од вебкамерите. Кој е во нашата социјална мрежа...дали знаеше дека ак оимаш 15 Orkut другарчиња, статистички си на растојание од три врски од човек кој донирал пари за 'териростички' цели? Се сеќаваш на аеродромот? Ќе те обвинат за многу повеќе од тоа“.

„Маја“, рече Грег, возвраќајки со самодоверба. „Нели одењето во Мексико е претерување? Дај отказ. Може да започнеме со наш бизнис. Ова е лудо.“

Дојдоа да ме видат денес“, рече таа. „Двајца од политичките офицери од ОВБ. Не си отидоа со саати. Ми поставуваа многу тешки прашања“.

„За Чистачот?“

„За моите другари и семејство. Историјата на пребарувања. Личната историја“.

„Господе.“

„Испраќаат порака до мене. Го надгледуваат секое кликање и секое пребарување. Време е да си одиме. Да нѐ снема од нивниот опсег.

„Има канцеларија на Google во Мексико, знаеш.“

„Мора да одиме“, рече таа.

Лори, што мислиш ти за ова?“, праша Грег.

Лори ги стегна кучињата меѓу рамењата. „Моите родители ја напуштија Источна Германија во '65та. Ми раскажуваа за Штази. Тајната полиција која би ставила за тебе сѐ во досието ако кажеше против-државна шега. Сакајќи или не, тоа што Google го прави не е воопшто различно“.

„Грег, доаѓаш?“

Се погледна во кучињата и ја протреси неговата глава. „Имам неколку останати пезоси“ рече. „Земи ги. Чувај се, во ред?

Чувај се ти самиот“, му дошепна таа на уво.

Дојдоа по него после една седмица. Дома, на сред ноќ, како и што си замислуваше дека ќе сторат.

Двајца мажи пристигнаа на прагот од вратата нешто после 2 утрото. Едниот тивко стоеше крај вратата. Другиот се смешкаше, беше низок и стуткан во облеката, во спортско палто со дамки, со ревер на едната и американско знаме на другата страна. „Грег Лупински, имаме причина да веруваме дека сте го нарушиле законот за Компјутерска измама и злоупотреба“, рече тој, со што и се претстави. „Конкретно, надминување на правата за привилегиран достап со што сте дошле до одредена информација. Десет години за првото обвинение. Се испостави дека тоа што ти и твојата другарка го направивте со вашите Google сметки ве оквалификува како престапници. Меѓу другите работи што ќе се појават на судењето, сѐ она што го збришавте од вашите профили, за почеток“.

Грег си ја замислуваше оваа сцена со недели. Планираше какви се не храбри работи ќе каже. Барем имаше и што да прави додека чекаше Маја да му се јави. Таа никогаш не го стори тоа.

Сакам да се поврзам со адвокатот“, промумла Грег.

„Можеш“, малиот човек рече. „Но можеби ќе дојдеме до подобар договор“.

Грег си чу сопствениот глас. „Сакам да ви ја видам значката“, промрмори тој.

Човекот кој имаше лик како на ловечко куче возрвати со кикотење. „Другар, јас не сум полицаец“, одговори. „Јас сум консултат. Google ме најми, мојата фирма ги претставува нивните интереси во Вашингтон, да градиме врски. Се разбира, не можеме да ја вклучиме полицијата во ова без најпрво да зборуваме со тебе. Ти си дел од семејството. Впрочем, имаме нешто да ти предложиме“.

Грег се сврти кон машината за кафе, ја фрли старата филтер кесичка.

Ќе им кажам на печатот“, рече тој.

Човекот климна како да размислуваше. „Епа, да. Можеш да одиш во канцеларијата на Chronicle уште сабајле и да им кажеш сѐ. Ќе побараат извор кој ќе им го потврди сето ова. Нема да најдат ниту еден. А кога ќе се обидат да пребаруваат, ние ќе ги најдеме нив. Па така, другар, зошто не нѐ сослушаш, а? Јас сум долго во овој 'јас добивам-ти добиваш' бизнис. И многу сум добар во тоа.“ Направи пауза. “Патем, тоа се одлични зрна, но треба прво малку да ги исплакнеш. Така се отстранува горчивоста и маслата. Еве, подај ми цедилка?“

Грег гледаше како мажот тивко го соблече своето џакето и го обеси на столот во кујната, потоа ги откопча ракавите и внимателно ги засука, ставајќи го ефтиниот дигитален часовник во џебот. Ги истури зрната од мелницата за кафе во цедилката на Грег, и ги исплакна ви лавабото.

Тој беше прилично набиен и многу блед, со социјална грациозност на електро-инжињер. Изгледаше како вистински службеник од Google, опседнат со ситници. Се снајде со мелницата за кафе.

„Собираме екипа за Зграда 49...“

Не постои Зграда 49“, Грег рече автоматски.

Се разбира“, рече човекот со блага насмевка. „Не постои Зграда 39. Но составуваме тим кој ќе го поправи Чистачот на Google. Кодот на Маја не беше баш ефикасен, знаеш. Полн е со пропусти. Треба да се ажурира. Ти си правиот човек за тоа, и нема разлика што сѐ знаеш ако си вклучен во тоа“.

„Неверојатно“, рече Грег смеејќи се. „Ако мислите дека јас ќе ви помогнам да го рушите угледот на политички кандидати во размена за услуги, тогаш сте полуд отколку што мислев“.

„Грег“, рече мажот, „Ние нема да рушиме ничиј углед. Само малку ќе ги расчистиме работите. За избрани луѓе. Знаеш на што мислам? Сечиј Google профил е прилично страшен ако почне продлабочено да се испитува. Продлабочената инспекција е актуелна во политиката. Да се кандидираш за Сенатот е како јавно прегледување на цревата“. Ја наполна машината со кафе и го затвори капакот, лицето му доби цврста концентрација. Грег го зеде кафето, во шолја од Google се разбира и им ги подаде.

За нашите другари ќе го направиме она што Маја го направи за тебе. Мала чистка. Сѐ што сакаме е да ја запазиме нивната приватност. Тоа е сѐ“.

Грег се поднапи од кафето. „Што ќе се случи со кандидатите кои нема да ги исчистите?

„Да“, рече човекот, насмевнувајќи се лесно. „Да, во право си. Нив ќе им биде тешко“. Пребара во неговиот внатрешен џеб од џакетото и извади неколку здиплени листови хартија. Ги измазни и ги стави на масата. „Еве еден од добрите момци на кој му треба нашата помош“. Тоа беше испечатена страна од историја на пребарување на кандидат во чија кампања учествуваше Грег минатите три избори.

Пријателот се враќа во неговата хотелска соба после брутално тешкиот ден за време на кампањата, го пушта лаптопот и во полето за пребарување пишува 'жешки газиња'. Голема работа, нели? Начинот на кој ние гледаме, да се дисквалификува некој поради тоа е не-американски“.

Грег климна бавно.

Дали би му помогнал на типот?“ праша човекот.

Да“.

Добро. Но има уште нешто. Треба да ни помогнеш да ја најдеме Маја. Таа воопшто не ги сфати нашите цели, и се чини дека избегала од кафезот. Но штом се чуеме со неа, без сомнение ќе се врати“.

Покажа кон историјата на пребарување на кандидатот.

Веројатно ќе се врати“, одговори Грег.

На новиот конгрес му требаа 11 работни дена за да го поминат актот за Обезбедување и забележување на комуникациите и хипертекстот, што им даде право на ОВБ и НАБ (Национална агенција за безбедност) да им ги достават резултатите од разузнавањето и анализите на фирми со кои склучиле договори. Теоретски, договорите беа отворени за конкурентно наддавање, но во сигурносната зграда 49 на Google немаше сомневање кој ќе победи. Ако Google потроши $15 милијарди на програма за фаќање на лошите момци на границите, тогаш сигурно ќе ги испофатеа, владите не се спремни да „прават правилни пребарувања“.

Следното утро Грег се погледна внимателно додека се бричеше (експертите за безбедност не сакаа забрадени хакери и не им беше срам тоа да ти го кажат), сфаќајки дека денес беше неговиот прв ден како де-факто разузнавач за американската влада. Колку би биле тоа лошо? Нели би било подобро со тоа да се бави Google отколку некој мрзливко од ОВБ?

Кога се паркира во Googleplex, меѓу хибридните автомобили и се поголемиот број на рамки за велосипеди, веќе се убеди себеси. Размислуваше каков овошен коктел да нарача во кантината, кога неговата картица одби да му ја отклучи вратата во зградата 49. Црвената LED диода светкаше секојпат кога ќе поминеше со картицата. Требаше да чека некој да влезе или излезе. Но во зградата 49 вработените излегуваа само за оброк, понекогаш не го правеа ни тоа.

Отклучи се, отклучи се! Наеднаш слушна глас до себеси.

„Грег, може ли да разговараме, те молам?“

Невнимателниот човек стави рака преку неговото рамо, при што Грег го намириса неговиот лосијон за после бричење. Беше ист каков што користеше неговиот инструктор по гњурење во Баха. Грег не можеше да се сети на неговото име. Хуан Карлос? Хуан Луис?

Раката на човекот на неговото рамо упорно го насочи подалеку од вратата, кон бескрајниот ревник, покрај градината со билки близу до кујната. „Ти даваме неколку слободни денови“, рече тој.

Грег наеднаш се почувствува растревожен. „Зошто?“ Направи нешто погрешно? Го праќаат во затвор?

Се работи за Маја“. Човекот нагло го сврти и воспостави контакт со неговите вознемирени очи. „Се самоуби. Во Гватемала. Жалам Грег!“.

Грег се чинеше дека полета, неколку километри нагоре, поглед од Google Earth врз Googleplex, каде што се гледаше себеси и другиот човек како две точки, два пиксели, мали и незначајни. Сакаше да си ја искуби косата, да падне на колена и да заплаче.

Како низ ехо се слушна како вели „Не ми треба слободно време. Во ред сум

Како низ ехо слушна како човекот инсистира.

Дискусијата траеше долго, потоа двата пиксели се преместија во Зграда 49 и вратата зад нив се затвори.

Teh end